Менторите и занаетчиите од пограничниот регион со Косово (Полошки, Скопски и Североисточен регион) продолжуваат со полна пареа да ги реализираат менторските средби насочени кон поддршка на нивниот развој, особено во поглед на подобрена промоција и продажба на нивните производи. Сесиите од вториот циклус на менторства ќе се реализираат некаде до крајот на јуни, после што ќе следуваат и други активности дизајнирани за стимулирање на развојот на туризмот во овој регион, преку поддршка на локалните занаети.
Сесиите се спроведуваат во рамките на Проектот за прекугранична соработка со наслов „Заживување на занаетите и градење на култура за заеднички туристички развој“, финансиран од Европската унија во рамките на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија. Водечки партнер е Општина Призрен, а Фондација ЦЕЕД Македонија и Општина Тетово се партнери од македонска страна. ЦЕЕД Косово е исто така дел од конзорциумот на овој проект, во улога на придружен партнер.