Повик за апликаци за доделување неповратни средства на учесници во проектот SE-Bridge

ПОВИК ЗА АПЛИКАЦИИ

За доделување неповратни средства на учесници во проектот SE-Bridge

Проектот Социјални претпријатија – Мост помеѓу социјалниот сектор и традиционалниот бизнис (SE-Bridge), го објавува најавениот повик за апликации за добивање неповратни финансиски средства (грантови), наменети за отпочнување или развој на постоечко социјално претпријатие.

Вкупниот фонд за грантови на проектот изнесува 18.000 ЕУР.

Во рамките на конкурсот ќе бидат доделени максимум 6 грантови во висина од 3.000 ЕУР секој, и тоа по максимум 3 во Република Северна Македонија, и исто толку во Албанија.

Критериуми за учество и начин на доделување

Право на учество имаат само организации, тимови, индивидуалци и социјални претпријатија кои во текот на 2018-та и 2019-та година беа дел од тренинг програмите одржани во рамките на проектот!

Покрај овој основен услов, за учество на конкурсот ќе треба да се исполнат уште неколку специфични услови, како што се:

  • Сите кандидати треба да подготват и поднесат апликација за грант во пропишаниот формат кој ќе биде споделен со сите учесници во проектот. Испратените апликации, заедно со придружната документација (бизнис моделот и финансискиот план), ќе бидат разгледани од комисија и евалуирани врз основа на долу наведените критериуми.
  • Само селектираните кандидати ќе бидат поканети усно да ги презентираат своите бизнис модели пред комисијата, при што ќе треба да подготват презентација на идејата / бизнис моделот на социјалното претпријатие во пропишан формат кој исто така ќе биде споделен со сите заинтересирани учесници.

Грантовите ќе бидат доделени од страна на тричлена комисија која кандидатите ќе ги оценува врз основа на испратените апликации и одржаната презентација, при тоа имајќи предвид неколку критериуми:

  • Остварливост и одржливост на бизнис идејата / моделот (бизнис моделот е реално остварлив, проверен и поставен на солидна основа, и има потенцијал да обезбедува континуирани приходи);
  • Разработеност на бизнис моделот (детално и сеопфатно разработена анализа и клучни аспекти на бизнис моделот);
  • Квалитет на тимот кој (ќе) работи во социјалното претпријатие (соодветно искуство и капацитет, комплементарност на членовите на тимот);
  • Потенцијал за/и соработка со традиционален бизнис сектор (бизнис моделот во себе вклучува план за соработка со традиционален бизнис, вклучување во нивната мрежа за набавки или предвидува друг облик на соработка кој ја зголемува неговата одржливост);
  • Реално задоволува потреба на одредена таргет група;
  • Во себе има социјална мисија.

Начин на аплицирање

Ги молиме сите заинтересирани учесници на проектот SE-Bridge по пат на имејл да изразат интерес за учество, при што ќе добијат комплет документација за аплицирање на конкурсот.

По пополнување на целокупната документација, ги молиме сите кандидати да ги испратат своите апликациски формулари заедно со придружната документација најдоцна до 26-ти мај 2019-та година до 24.00 часот на следните имејл адреси: [email protected] и [email protected]. Сите апликации кои нема да пристигнат во наведениот рок или кои не се потполни, нема да бидат разгледувани.

Проектот го имплементираат во партнерство:

  • Фондација Центар за развој на претприемачи и менаџери CEED Македонија Скопје
  • Асоцијација за истражување, комуникации и развој „ПАБЛИК“ Скопје
  • Agritra-Vizion Centre Пешкопи, Албанија
  • CEED Albania – Tirana, Albania

Проектот Se-Bridge е финансиран од страна на Европската унија во рамките на ИПА програмата за прекугранична соработка.