Проектот „Заживување на занаетите и градење на култура за заеднички туристички развој“ го објавува последниот круг од конкурсот за пријавување на занаетчии и туристички и угостителски бизниси од Полошкиот, Североисточниот и Скопскиот регион, за менторска поддршка во неколку сродни области:
- Развој на бизнис модел
- Дигитален маркетинг и онлајн продажба
Цели и очекувани придобивки од менторството
Понуденото менторство има за цел да им помогне на занаетчиите и туристичко-угостителските бизниси да ја подобрат својата понуда, промоција и пласманот на своите производи и услуги, односно да допрат до поголем број клиенти и да ја зголемат својата видливост и конкурентност на пазарот. Преку користење на менторските услуги, тие воедно активно ќе се вклучат во проект кој ќе понуди и дополнителни форми на поддршка, значајни за нивниот развој.
Директните цели на менторските средби вклучуваат: изработка или подобрување на бизнис моделот или бизнис планот, изработка на маркетиншки план или подобрување на постоечкиот, унапредување на промоцијата и продажбата преку интернет, итн.
Во рамките на проектот, учесниците ќе имаат и можност да бидат дел и од активности за развој на нова туристичка понуда за пограничниот регион со Косово, со особен фокус на општините Тетово и Призрен, која ќе се темели на традиционалните занаети и процесот на нивната изработка. Корисниците на менторската поддршка дополнително, ќе имаат и можност да учествуваат на два прекугранични саеми на занаетчии кои, во рамките на проектот, ќе се организираат во Тетово и во Призрен.
Теми на менторските средби
Од страна на проектот ќе биде понудена бесплатна менторска поддршка на теми релевантни за развој на занаетчиските и туристичко-угостителски бизниси како – развој на бизнис модел, дигитален маркетинг и онлајн продажба, финансиско планирање, брендирање и пакување на производи / услуги и слично.
Конкретните теми на индивидуалните менторски средби на заинтересираните кандидати ќе бидат дефинирани пред почетокот на менторството, а во соработка со тимот на проектот и менторите. Врз основа на консултација ќе се направи индивидуален менторски план за секој од менторираните учесници, а со цел да се адресираат нивните индивидуални и специфични потреби.
Критериуми за пријавување
За менторство можат да се пријават оние кандидати кои ги исполнуваат сите од долунаведените критериуми:
- Физички или правни лица кои доаѓаат од еден од следниве региони:
- Полошки регион (Тетово, Гостивар, Теарце, Јегуновце, Желино, Брвеница, Боговиње, Маврово и Ростуше и Врапчиште),
- Североисточен регион (Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане) и
- Скопски регион (Арачиново, Чучер-Сандево, Петровец, Сопиште, Студеничани, Зелениково, Аеродром, Бутел, Чаир, Центар, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај и Шуто Оризари).
- Занаетчии (регистрирани или нерегистрирани). Предност имаат креативни и традиционални занаети кои се атрактивни за креирање туристичка понуда.
- Туристичко-угостителски бизниси, односно – сместувачки капацитети, ресторани, туристички агенции, туристички водичи, тур-оператори и други видови на даватели на туристичко-угостителски услуги, особено оние кои се темелат на културното наследство и локалната традиција.
Во таа насока, ги повикуваме да се пријават сите оние кои се занимаваат со креативни занаети, како што се изработка на накит од злато/сребро и друг материјал, изработка на филигран, сувенири и друг тип предмети од дрво, бакар и сл., изработка на традиционална облека, приготвување на храна на традиционален начин – традиционални слаткари, бурекџилници и сл., микро и мали туристичко-угостителски бизниси – туристички водичи, етно ресторани, етно сместувачки капацитети, B&B хотели, тур-оператори, локални туристички агенции и сл., коњички клубови и останати субјекти од полето на адреналински туризам.
*Оваа листа е илустративна и не е исцрпна, односно служи само како насока за тоа кои типови на учесници се нај подобни.
Начин и рок за пријавување
Сите заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат критериумите за учество можат да се пријават по електронски пат со пополнување на пријава на следните линкови:
На македонски јазик: линк
На албански јазик: линк
Менторските средби ќе се реализираат во периодот септември-октомври 2024 во термини кои ќе се договараат индивидуално помеѓу менторите и менторираните, и ќе се одржуваат со физичко присуство (лице в лице) и/или онлајн.
Трошоците за реализирање на менторството ќе бидат покриени од проектот, а со тоа ќе бидат бесплатни за корисниците / менторираните.
Рокот за пријавување во првиот круг е најдоцна до 16.09.2024 година до 00:00 часот.
Селектираните кандидати ќе бидат контактирани од страна на проектниот тим.
За дополнителни информации околу начинот на организација на менторските средби, пишете ни на [email protected] или јавете се на 076 360 107 (Ѓорѓи Кушевски).