ЦЕЕД Македонија е дел од конзорциумот кој неодамна започна со имплементација на прекуграничниот проект „Заживување на занаетите и градење на култура за заеднички туристички развој“ предводен од Општина Призрен, во партнерство со Општина Тетово и во соработка со ЦЕЕД Косово. Проектот, кој ќе трае 2 години, се спроведува со поддршка на Европската унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија.
Главна цел на овој проект е да го помогне туристичкиот развој на овие два погранични региона и покриените општини (Тетово и Призрен), презентирајќи ги и третирајќи ги како една целина со блиска култура и традиција. За таа цел проектот ќе работи на поддршка на традиционалните занаети и туристичките и угостителски бизниси кои се тесно поврзани со традицијата и културата на овие погранични региони односно, на поддршка на нивниот развој, подобра презентација и меѓусебно поврзување во нови партнерства. Воедно, проектот ќе поддржи креирање на нова туристичка понуда која ќе привлекува посетители во двата региона подеднакво.
Во периодот од јули – септември се одржаа повеќе подготвителни активности за време на кои проектниот тим беше обучен од страна на JTS за прекуграничната програма Косово – Северна Македонија и ЕУ Делегацијата во Косово за правилна имплементација на проектот, а започнати се и подготовките за реализација на инфраструктурните активности на проектот.