На работилницата за креирање нова туристичка понуда која се одржа вчера (03.07.2024) во Призрен, занаетчиите истакнаа дека соработката со тур-операторите е многу важна за нивниот развој, а воедно и за развој на туризмот на двете земји, особено поради тоа што тие се најчесто затворени во своите работилници и продавници, додека тур-операторите го имаат пристапот до туристите кои се нивни важни потенцијални клиенти. Во таа насока, на работилницата се дискутираше за можните модели на соработка кои ќе бидат корисни и за двата сектори, а кои ќе бидат одржливи и атрактивни за корисниците и ќе придонесат за развојот на двете земји. Претставниците на занаетчискиот и туристичко-угостителскиот сектор од двете земји разменија бројни идеи, проблеми, како и потенцијални решенија за нивно надминување, а се со цел креирање нова туристичка понуда за прекуграничниот регион помеѓу Косово и Северна Македонија
После работилницата, учесниците од Македонија прошетаат низ Призренската чаршија и се запознаа со дел од занаетите присутни таму. Во еден од дуќаните во Призренската чаршија, специјализиран за рачно изработена кожна галантерија, веќе се продаваат производите на еден од нашите учесници – инаку занаетчија од Скопје, г-н Бејтула Бекир. Целта на проектот е, меѓу другото, да поддржи слични вакви форми на соработка меѓу повеќе бизниси од пограничните региони на двете земји.
Проектот „Заживување на занаетите и градење на култура за заеднички туристички развој“ финансиран од Европската унија во рамките на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија ги поддржува занаетчиите од пограничните региони на двете земји и ја поттикнува соработката со туристичкиот сектор, како и прекуграничната соработка помеѓу занаетчиите и тур-операторите од Косово и Македонија. Погледнете неколку фотографии од посетата на Призрен: