Проектот „Заживување на занаетите и градење на култура за заеднички туристички развој“ објавува конкурс за пријавување на занаетчии и туристички и угостителски бизниси од Полошкиот, Североисточниот и Скопскиот регион, за менторска поддршка во неколку сродни области, и тоа за развој на бизнис модел, дигитален маркетинг и онлајн продажба, како и за брендирање и пакување на производот.
Цели и очекувани придобивки од менторството
Понуденото менторство има за цел да им помогне на занаетчиите и туристичко-угостителските бизниси да ја подобрат својата понуда, промоција и пласманот на своите производи и услуги, односно да допрат до поголем број клиенти и да ја зголемат својата видливост и конкурентност на пазарот. Преку користење на менторските услуги, тие воедно активно ќе се вклучат во проект кој ќе понуди и дополнителни форми на поддршка, значајни за нивниот развој.
Директните цели на менторските средби вклучуваат: изработка или подобрување на бизнис моделот или бизнис планот, изработка на маркетиншки план или подобрување на постоечкиот, унапредување на промоцијата и продажбата преку интернет, итн.
Понатаму во проектот, учесниците ќе имаат и можност да бидат дел од активности за развој на нова туристичка понуда за пограничниот регион со Косово, со особен фокус на општина Тетово и Призрен, која ќе се темели на традиционалните занаети и процесот на нивната изработка. Корисниците на менторската поддршка дополнително, ќе имаат и можност да учествуваат на два прекугранични саеми на занаетчии кои, во рамките на проектот, ќе се организираат во Тетово и во Призрен.
Теми на менторските средби
Од страна на проектот ќе биде понудена бесплатна менторска поддршка на теми релевантни за развој на занаетчиските и туристичко-угостителски бизниси како – развој на бизнис модел, дигитален маркетинг и онлајн продажба, финансиско планирање, брендирање и пакување на производи / услуги и слично.
Конкретните теми на индивидуалните менторски средби на заинтересираните кандидати ќе бидат дефинирани пред почетокот на менторството, а во соработка со проектот и менторите. Врз основа на консултација ќе се направи индивидуален менторски план за секој од менторираните учесници, а со цел да се адресираат нивните индивидуални и специфични потреби.
Менторскиот процес за секој од учесниците ќе се заокружи со изработка на конкретен продукт, како на пример – бизнис план, бизнис модел, маркетинг план, финансиска проекција/план, подобрени содржини на веб-сајт или профил на социјалните медиуми, брендинг на производот или бизнисот, и слично.
Критериуми за пријавување
За менторство можат да се пријават оние кандидати кои ги исполнуваат сите од долунаведените критериуми:
– Физички или правни лица кои доаѓаат од еден од следниве региони:
- Полошки регион (Тетово, Гостивар, Теарце, Јегуновце, Желино, Брвеница, Боговиње, Маврово и Ростуше и Врапчиште),
- Североисточен регион (Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане) и
- Скопски регион (Арачиново, Чучер-Сандево, Петровец, Сопиште, Студеничани, Зелениково, Аеродром, Бутел, Чаир, Центар, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај и Шуто Оризари).
– Занаетчии (регистрирани или нерегистрирани). Предност имаат креативни и традиционални занаети кои се атрактивни за креирање туристичка понуда.
– Туристичко-угостителски бизниси, особено оние кои се темелат на културното наследство и локалната традиција.
Во таа насока, ги повикуваме да се пријават сите оние кои се занимаваат со креативни занаети, како што се изработка на накит од злато/сребро и друг материјал, изработка на филигран, сувенири и друг тип предмети од дрво, бакар и сл., изработка на традиционална облека, приготвување на храна на традиционален начин – традиционални слаткари, бурекџилници и сл., микро и мали туристичко-угостителски бизниси – туристички водичи, етно ресторани, етно сместувачки капацитети, B&B хотели, тур оператори, локални туристички агенции и сл., коњички клубови и останати субјеки од полето на адреналински туризам.
*Оваа листа е илустративна и не е исцрпна, односно служи само како насока за тоа кои типови на учесници се нај подобни.
Начин и рок за пријавување
Сите заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат критериумите за учество можат да се пријават по електронски пат со пополнување на пријава на следниот линк.
Менторските средби ќе се реализираат во периодот октомври 2023 – мај 2024 во термини кои ќе се договараат индивидуално помеѓу менторите и менторираните, и ќе се одржуваат со физичко присуство (лице в лице) и/или онлајн.
Трошоците за реализирање на менторството ќе бидат покриени од проектот, а со тоа ќе бидат бесплатни за корисниците / менторираните.
Рокот за пријавување во првиот круг е најдоцна до 05.10.2023 година до 16:00 часот.
Селектираните кандидати ќе бидат контактирани од страна на проектниот тим.
За дополнителни информации околу начинот на организација на менторските средби, пишете ни на [email protected] или јавете се на 076 360 107 (Ѓорѓи Кушевски).