Започна имплементацијата на Erasmus + проектот „Развој на зелено агро-претприемништво во средни стручни училишта“

Започна спроведувањето на двегодишниот проект „Развој на зелено агро-претприемништво во средни стручни училишта“ во рамките на KA220-VET Erasmus + програмата, во кој Фондација ЦЕЕД Македонија е еден од осумте партнери од вкупно 4 земји (Словенија, Македонија, Србија и Грција). Партнерството, во кое се вклучени четири средни стручни училишта (со насока – земјоделие) и 4 непрофитни организации, го предводи средното стручно училиште ГРМ Ново Место – Центар за биотехнологија и туризам од Словенија.

Проектот, со скратен назив „Зелени Агро-претприемачи“, во следните две години ќе работи на зајакнување на капацитетите на овие училишта за развој на практично применливи и претприемачки вештини во областа на одржливото земјоделство, со воведување на методата – учење преку решавање на проблеми. Како резултат на тоа, учениците ќе развијат соодветни вештини и начин на размислување насочено кон развој на одржливо земјоделство, во склад со ЕУ политиките за зелени и еколошки практики.

Се очекува проектот да ги даде следниве резултати:

– 16 наставници ќе стекнат поголеми компетенции за аплицирање на нови методи во наставата, како и зајакнати знаења за имплементација на одржливи земјоделски практики во стручните предмети.

– Најмалку 60 ученици од средните стручни училишта ќе имаат подобрени вештини за тимска работа, критичко размислување, решавање на проблеми и развој на Бизнис модел.

– Најмалку 4 студентски проекти за имплементација на одржливо земјоделство ќе бидат спроведени во текот на проектот (најдобрите четири од оние кои за време на проектот ќе ги развијат студентски тимови предводени од наставници). Проектот започна со првиот партнерски состанок кој се одржа на 4 и 5 декември во Скопје, во просториите на Средното земјоделско училиште (СУГС Браќа Миладиновци, Скопје).