Во тек е вториот циклус на менторски сесии наменети за занаетчии и туристичко – угостителски бизниси од пограничниот регион со Косово, поточно од Полошкиот, Скопскиот и Североисточниот регион на нашата земја. Сесиите се продолжение на првиот циклусот кој започна во 2023 година, и се спроведуваат во рамките на проектот „Заживување на занаетите и градење на култура за заеднички туристички развој“.
Проектот ги фокусира своите напорни на развој на туризмот во пограничните региони на овие две земји, преку поддршка на занаетчиството и поттикнување на прекуграничната соработка во овие сектори. Конкретно, целта на менторските сесии е јакнење на капацитетите на занаетчиските и туристичко угостителски бизниси за развој на своите бизнис, подобар пласман и видливост, зајакната промоција и зголемена продажба на производите и услугите.
Прекуграничниот проект се спроведува од 2022 година и е финансиран од Европската Унија во рамките на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија. Водечки партнер е Општина Призрен, а од Македонска страна – партнери се Општина Тетово и Фондација ЦЕЕД Македонија. Придружен партнер на проектот е и CEED Косово.