Во петок (11.04.2025) во СУГС „Георги Димитров“ во Скопје се одржа pitching натпревар на кој четири ученички тимови ги презентираат еко-решенијата (бизнис модели) кои ги развиваа во изминатите неколку месеци под водство на своите наставници-ментори, а како одговор на постоечки еколошки проблеми. Моделите беа презентирани пред комисија од Фондација ЦЕЕД Македонија, која по евалуацијата и меѓусебната консултација го прогласи победникот – тимот Eco Delta, предводен од професорката Валентина Таневска-Петковиќ.
Настанот се одржа во рамките на Еразмус + проектот „Зелени Фаб Лаб-ви“ кој предводен од Фондација ЦЕЕД Македонија се реализира веќе втора година во Македонија, Полска и Грција. Оваа активност паралелно се случува и во другите земји / училишта вклучени во овој проект (во Амалиада, Грција и Познан, Полска), а најдобрите тимови од сите 3 земји, ќе се натпреваруваат меѓу себе на меѓународниот настан кој во рамките на проектот ќе се организира во Скопје на почетокот на јуни.
Целта на проектот Зелени Фаб Лаб-ви е поддршка на STEM образованието преку отворање на училишни фаб лаб-ви и развој на нови вештини кај наставниците и учениците за примена на нови наставни методи и пристапи во образованието (учење базирано на проблем и примена на design thinking методологијата).









