Околу 60 претставници од туристичкиот и угостителскиот сектор во земјава во моментов следат Програма за јакнење на нивните менаџерски капацитети

Во тек е Програма за јакнење на капацитетите на менаџери и претприемачи од туристичкиот и угостителскиот сектор, која поради ситуацијата со пандемијата се одвива онлјан. Програмата се одржува во рамките на потпроектот „Градење менаџерски вештини и деловни врски за подобрена услуга во туристичкиот и угостителскиот сектор“ кој Фондацијата ЦЕЕД Македонија го спроведува со поддршка на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК). Потпроектот е насочен кон подобрување на квалитетот на туристичката понуда во Република Северна Македонија и кон зголемување на бројот на домашни и странски туристи.

Целта на програмата пак е да работи на јакнење на капацитетите на менаџерите од секторот туризам и угостителство за развој на нивните бизниси дури и во овие услови на криза, која особено јако го погоди токму овој сектор. Самата програма покрива неколку теми кои се од особено значење за менаџерите од овој сектор, како што се: онлајн продажбата, дигитален маркетинг, пристапот до финансии, управувањето со тимови во услови на криза и слично.

Оваа и минатата недела се одржаа првите два модули од програмата: Дигитален маркетинг и Управување со тимови, коучинг и менторирање на вработените, на кои учество земаа шеесетина учесници – претставници од овој сектор, но и претставници на локалните и регионалните тела одговорни за развој на туризмот (општините и центрите за развој на планските региони).

Денес и утре се спроведува третиот модул од програмата чија тема е Лидерство, а во следните две недели ќе се одржат и обуки за Пристап до финансии и Онлајн продажба.

По завршувањето на програмата, учесниците ќе добијат и бесплатни менторски сесии од страна на консултанти и експерти во одредени области, а на крајот од потпроектот ќе се одржат и сесии за деловни средби на кои ќе се направи поврзување на различни туристички бизниси со цел стимулирање на деловна соработка.

Ги повикуваме сите заинтересирани компании од туристичкиот и угостителскиот сектор кои сакаат да земат учество на деловните средби, да ги следат објавите на ЦЕЕД Македонија во текот на летото за повеќе информации, или да се обратат до ЦЕЕД на [email protected].

Потпроектните активности се финансирани од Европската унија, додека овие средства преку проектот ПЛРК ги менаџира Светска банка.

991 Comments