Успешна приказна на Фондација ЦЕЕД Македонија, поддржана од Проектот за локална и регионална конкурентност

Под-проектот со наслов „ Градење менаџерски вештини и деловни врски за подобрена услуга во туристичкиот и угостителскиот сектор“, кој Фондација ЦЕЕД Македонија го реализираше во текот на 2019 и 2020 година, а кој се спроведе со поддршка на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), неодамна беше избран за еден од четиринаесетте успешни под-проекти од вкупно 57 кои беа реализирани со поддршка од ПЛРК. По спроведената надворешна евалуација на сите проекти поддржани од ПЛРК, а од страна на меѓународни експерти за мониторинг и евалуација, проектот на ЦЕЕД беше прогласен за еден од најуспешните односно успешна приказна на проект кој има реално влијание на корисниците и кој во својата реализација остварил и повеќе од она што имал зацртано.

По тој повод, Ана Трповска – Проектен менаџер во ЦЕЕД Македонија и одговорна за реализацијата на овој проект, заедно со оперативниот директор на Фондација ЦЕЕД – Ѓорѓи Кушевски, присуствуваа на настанот кој по тој повод беше организиран во Винаријата „Лазар“ (воедно и спроведувач на еден од четиринаесетте успешни проекти поддржани од ПЛРК). На настанот беа сумирани резултатите на ПЛРК, како и на сите четиринаесет најуспешни проекти.

Проектот за Локална и регионална конкурентност беше повеќегодишен проект финансиран од Европската унија, а менаџиран од Светска Банка, чии напори беа насочени кон поддршка на развојот на туризмот и угостителството во Република Северна Македонија. Со негова поддршка, реализирани беа и повеќе инфраструктурни проекти во земјава, имплементирани од македонски фирми и организации, кои недвојбено ја подобруваат туристичката понуда во земјава и придонесуваат за развој на туризмот во земјава.