Презентирани резултатите од Erasmus + проектот „Претприемништво на 21-от век“

На крајот на септември оваа година, претставници на ЦЕЕД Македонија учествуваа на два настани кои се одржаа на островот Санторини во Грција, а во рамките на проектот “Претприемништво на 21-от век“ спроведен во изминатите 2 години со поддршка на Европската унија, преку програмата Erasmus +. Домаќин на овој настан беше Средното стручно училиште ESPERINO EPAL THIRAS од Санторини кое е еден од партнерите на овој проект.

Покрај партнерскиот состанок на организациите кои се дел од конзорциумот на овој проект, на Санторини се одржа и настан за споделување на резултатите на проектот со локалните засегнати страни во Грција, на кој Ана Трповска, Проектен менаџер од ЦЕЕД Македонија, го презентираше Прирачникот за наставници за кариерно советување на ученици од средни училишта. Целта на прирачникот е да даде насоки и практични алатки за наставниците со кои тие ќе можат да го водат процесот на кариерно советување на учениците, како и да ги поддржат во процесот на развој на бизнис идеја, овозможувајќи им на тој начин да одберат идна професија во склад со нивните афинитети и можности.

На настанот беа презентирани и резултати од активностите на училиштата вклучени во проектот, како и од останатите партнерски организации од Хрватска, Грција и Северна Македонија.