Брендирањето и пакувањето како начин за подобра продажба на земјоделски производи

Како дел од соработката помеѓу ЦЕЕД Македонија и UN Women, а во рамките на проектот на UN Women “Промовирање на родово-одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија” финансиски поддржан од Швајцарија и Шведска, неделава се одржа и последната од циклусот обуки за жени жителки на 11 општини во Северна Македонија, кои ЦЕЕД ги спроведе во текот на изминатите дванаесет месеци. Дводневната обука на тема „Брендирање, пакување и продажба на земјоделски производи“ беше организирана за жени од земјоделскиот сектор кои доаѓаат од општините Кочани и Маврово Ростуше, а се организираше со поддршка на двете општини.

На обуката се зборуваше за тоа како да се направи бренд од земјоделски производ, но и за различни успешни модели на маркетинг и продажба на земјоделски производи, преку идентификување на индивидуалните потреби и можности на секоја од учесничките. Со своето опсежно познавање и практично искуство на темата, консултантот на обуката – Петар Лазаров, им помогна на учесничките да ги согледаат можностите за подобра промоција и продажба на нивните производи, и тоа пред се преку развивање на успешен бренд.

Претходно, во рамките на оваа соработка со UN Women, ЦЕЕД организираше и спроведе цела серија обуки за жителки на 11 општини кои се дел од гореспоменатиот проект, и тоа на теми како што се дигитален маркетинг и онлајн продажба, развој на бизнис идеја и бизнис план, основни вештини за вработување, претприемништво и менаџерски вештини, како и серија на стручни обуки за занимања кои се барани на пазарот (обуки за фризерки, масерки, кројачки и шивачки и маникир и педикир.