Учениците од три стручни училишта успешно ги презентираа своите бизнис модели на Образовното Рандеву на МАССУМ

Учениците од трите средни стручни училишта – ССОУ „Димитрија Чуповски“ – Велес, СОУ „Богданци“ – Богданци и СУГС „Шаип Јусуф“ – Скопје – кои во изминатиот период учествуваа на обуките за креирање на бизнис модел за училишно социјално претпријатие, успешно ги презентираа своите идеи и концепти на Образовното Рандеву на МАССУМ, одржано на 23 и 24 април во Богданци.

Во рамки на натпреварот за најдобар бизнис модел за училишно социјално претпријатие, учениците демонстрираа високо ниво на креативност, посветеност и способност за развој на иновативни решенија кои одговараат на реални општествени предизвици. Нивните презентации се резултат на стекнатите знаења и практични вештини преку обуките, како и на нивната мотивација да придонесат кон позитивни промени во своите заедници.

Овие резултати претставуваат јасен показател дека соодветната едукација, поддршка и менторство им овозможуваат на младите да развиваат одржливи и влијателни идеи со конкретна вредност.

Проектот „Училишни социјални претпријатија – УСП“ има за цел да придонесе кон економско зајакнување на младите, особено од ранливите категории, преку развој на вештини за социјално претприемништво и подобрување на нивната вработливост. Дополнително, проектот е насочен кон воспоставување одржлив модел за развој на училишни социјални претпријатија во средните стручни училишта.

Активностите се реализираат како под-грант во рамки на проектот „RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите“, ко-финансиран од Европската унија, а имплементиран од Youth Alliance – Крушево, Центар за истражување и анализи НОВУС / NOVUS и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој Паблик / Public.