Обуките за социјално претприемништво во СУГС „Шаип Јусуф“ во Скопје денес продолжија со успешно реализиран втор ден од програмата.
Надоврзувајќи се на воведниот дел и развојот на иницијалните идеи од првиот ден (26.03.2026), учениците на вториот ден работеа на продлабочена разработка на своите бизнис модели. Фокусот беше ставен на дефинирање на вредносната понуда, како и на идентификување на конкретни и одржливи решенија за општествените предизвици што ги адресираат нивните идеи.
Преку менторска поддршка и презентации, ученичките тимови имаа можност да ги унапредат своите концепти, да добијат насоки за понатамошен развој и да се подготват за следната фаза – развој и имплементација на училишни социјални претпријатија.
Обуката е дел од проектот „Училишни социјални претпријатија – УСП“, чија цел е да придонесе кон економско зајакнување на младите, особено од ранливите категории, преку развој на вештини за социјално претприемништво и подобрување на нивната вработливост. Воедно, проектот има за цел воспоставување одржлив модел за развој на училишни социјални претпријатија во средните стручни училишта.
Активностите се реализираат како под-грант во рамки на проектот „RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите“, ко-финансиран од Европската унија, а имплементиран од Youth Alliance – Крушево, Центар за истражување и анализи НОВУС / NOVUS и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој Паблик / Public.




