Се одржа првата обука во СОУ „Богданци“ која е дел од проектот „Училишни социјални претпријатија (УСП) – модел за поддршка и вклучување на ранливи млади “

Активностите за градење на капацитети на младите средношколци и нивните училишта за формирање и водење на социјални претпријатија, продолжија оваа недела во СОУ „Богданци“ од Богданци. По обуката и менторските сесии во ССОУ „Димитрија Чуповски“ – Велес на почетокот на февруари, вчера се одржа првиот ден од обуката во Богданци, на која учествуваа повеќе од 20  ученици.

Обуката продолжува оваа недела, по што и таму ќе се одржат прилагодени менторски средби за ученичките тимови кои во рамките на овој проект ќе работат на развој на бизнис модел на училишно социјално претпријатие.

Проектот „Училишни социјални претпријатија – УСП“ има општа цел да придонесе кон економско зајакнување на ранливата млада популација во 3 региони во Македонија преку подобрување на нивните вештини за социјално претприемништво и нивната вработливост, и да придонесе кон подобрување на условите за развој на социјално претприемништво во средните стручни училишта во Македонија. Специфична цел на проектот е да креира модел и програма за поддршка на развој на училишни социјални претпријатија кој ќе вклучува соодветен едукативен пристап и материјали, како и поврзување со релевантни локални чинители.

Се спроведува како под-грант на проектот ‘RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија’ ко-финансиран од Европската унија, а имплементиран од страна на Youth Alliance – Крушево, Центарот за истражување и анализи НОВУС / NOVUS и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој Паблик / Public.