Презентација на резултатите од проектот „Зелени Агропретприемачи“ во С.Македонија

На 8 октомври 2026 година, во СУГС „Браќа Миладиновци“ во Драчево, се одржа националниот настан за дисеминација на резултатите од проектот „Зелени Агропретприемачи“, во кој партнер е и Фондација ЦЕЕД Македонија.

Настанот го отвори директорот на училиштето, г. Далибор Величковски, кој им посака добредојде на претставниците на други училишта, локалната самоуправа, бизнис-секторот и граѓанскиот сектор.

Кристина Јованова, професорка вклучена во проектот, ги презентираше спроведените активности и постигнатите резултати почнувајќи од обуките за наставници што ги организираше и спроведе ЦЕЕД Македонија за зајакнување на нивните капацитетите за воведување на одржливото земјоделство и зеленото агропретприемништво во наставата и работата со учениците.

По обуките, наставниците работеа со ученички тимови на развивање зелени модели во земјоделството. На настанот, од самите ученици – автори на проектот, беше претставен и победничкиот ученички проект „Smart пластеник“, а присутните имаа можност да го посетат и пластеникот, кој се наоѓа во училишниот двор.

Проектот „Зелени Агропретприемачи“ е двегодишна иницијатива поддржана од програмата Еразмус+ и се спроведува паралелно во четири земји – С.Македонија, Србија, Словенија и Грција – преку соработка на четири средни училишта и поддршка од локални организации, меѓу кои и Фондација ЦЕЕД Македонија.