Започнаа обуките кои се дел од проектот „Училишни социјални претпријатија (УСП) – модел за поддршка и вклучување на ранливи млади “

Како дел од проектот „Училишни социјални претпријатија (УСП) – модел за поддршка и вклучување на ранливи млади “ кој Фондација ЦЕЕД Македонија го спроведува со помош на под-грант доделен од проектот RAISE CSOs, неделава се одржа првата обука и менторски средби со ученици од ССОУ „Димитрија Чуповски“ – Велес, кое е едно од трите училишта опфатени со под-проектот.

Со поддршка на оваа програма за градење на капацитети, во секое училиште вкупно 5 тимови со по 5 членови работат на развој на социјална бизнис идеја која има потенцијал да профункционира како училишно социјално претпријатие. Целта на овој пристап е кај учениците да се развие ментален склоп насочен кон развој на социјално претприемништво, како и вештини кои ќе ги направат учениците подготвени да планираат, постават и водат едно социјално претпријатие. Воедно, со ваков пристап се креира и систем за развој и поддршка на социјалното претприемништво кај средните стручни училишта во Македонија.

Програмата претставува комбинација од групни обуки и менторство по тимови кое има за цел фокусирано да им помогне на тимовите да ја развијат нивната конкретна идеја за социјално претпријатие.

Обуката во Велес беше прва од предвидените 3 групи на обуки во рамките на овој проект, а следува примена на истиот пристап во уште две училишта во други региони на Македонија, односно во средно училиште во Богданци (СОУ „Богданци“ – Богданци) во Југозападен регион, и СУГС„Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари во Скопје.

Проектот „Училишни социјални претпријатија – УСП“ има две општи цели: да придонесе кон економско зајакнување на ранливата млада популација во 3 региони во Македонија преку подобрување на нивните вештини за социјално претприемништво и нивната вработливост, и да придонесе кон подобрување на условите за развој на социјално претприемништво во средните стручни училишта во Македонија.

Специфична цел на проектот е да креира модел и програма за поддршка на развој на училишни социјални претпријатија кој ќе вклучува соодветен едукативен пристап и материјали, како и поврзување со релевантни локални чинители.

Дел од проектот ‘RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија’ имплементиран од страна на Youth Alliance – Крушево во соработка со Центар за истражување и анализи НОВУС / NOVUS и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој Паблик / Public, со поддршката на ЕУ за граѓанското општество и медиумските организации во Република Северна Македонија, ИПА програма за граѓанско општество 2022-2023.