Активностите во рамки на проектот „Училишни социјални претпријатија – УСП“ продолжија со вториот ден од обуката во СОУ „Богданци“ – Богданци, каде што ученичките тимови имаа можност да ги презентираат своите социјални бизнис идеи развиени со менторска поддршка.
По воведните сесии и интензивната работа на првиот ден, вториот ден беше посветен на структурирање и јавно претставување на бизнис моделите. Учениците ги претставија проблемите кои ги адресираат, предложените решенија, целните групи, како и потенцијалните извори на приходи и партнерства. Преку дискусија и конструктивни повратни информации од менторите, тие добија насоки за понатамошно унапредување и тестирање на нивните идеи.
Овој процес не само што придонесува кон развој на конкретни училишни социјални претпријатија, туку и кон јакнење на претприемачките компетенции кај младите – тимска работа, критичко размислување, финансиско планирање и јавно настапување.
Проектот „Училишни социјални претпријатија – УСП“ има за цел да придонесе кон економско зајакнување на ранливата млада популација во три региони во Македонија преку подобрување на нивните вештини за социјално претприемништво и зголемување на нивната вработливост. Воедно, проектот развива модел и програма за поддршка на училишни социјални претпријатија, со соодветен едукативен пристап, практични алатки и поврзување со релевантни локални чинители.
Проектот се спроведува како под-грант на иницијативата „RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија“, ко-финансирана од Европската унија, а имплементирана од Youth Alliance – Крушево, Центар за истражување и анализи НОВУС / NOVUS и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој Паблик / Public.








